14. Бела ноќ 2018

Скопјанки и скопјани,

На 6 октомври, низ нашиот град, вашата БЕЛА НОЌ по 14-ти пат. Годинава со квалитетна програма, насочена низ многу точки во градот.

Оваа година се обидовме да вклучиме што е можно поголем број домашни уметници (има и странски), да анимираме што повеќе јавни простори и да ги претвориме во места за културни настани, како и да вклучиме што повеќе градски и национални установи, со цел сите заедно да ја збогатиме културната понуда на нашиот град и да покажеме дека БЕЛА НОЌ не е само вечер во која кафулињата работат со неограничено работно време.

Официјалното отворање е на Сквер Јадран, во 20 часот, со настап на Градскиот дувачки оркестар, кој овојпат ќе се претстави со тотално изненадувачки репертоар. Ќе шизите 😉

На Плоштадот Македонија, го имаме проектот „Визија Скопје“, кој е сублимат на размислувањата на авторите Јана Јакимовска и Ненад Тонкин, за проблематичниот проект Ск2014, низ сите фази на неговото создавање.

Тој е имагинарен прозорец кон новите перспективи на градот, нуди можни решенија, критикува, се шегува.

На плоштадот „Карпошово востание“ (Ибни Пајко маало) се отвора првиот меѓународен фестивал на светлина „Ѕkopje Art Light Distict“, кој ќе трае до 9 октомври.

Во ГТЦ подготвуваме два настана: Кино на кров – избор филмови од Ехо Фестивалот, Roller Disco во Галерија ГТЦ (кај тие убавите мурали, кај што стои 50-ка).

Традиционално, како и секоја година, може да ги посетите Музејот на современа уметност (Концерт на Дуња Иванова и Ана Пандевска; проекција на филмот „Метеори“), КИЦ, Универзална сала, Спомен куќата на Мајка Тереза, НУБ „Браќа Миладиновци“, ДК Кочо Рацин, Музеј на Град Скопје.

Од некои урбани места што ќе ги претвориме во сцени, може да ги посетите: Плоштадот во Т.Ц. Лептокарија (кај кафулето Кофеин), Платото кај Млечен, Лавиринтот во Градски парк, „Плочникот зад Соборна“, Кејот кај Дрводекор, Железничката зграда…

Обидувајќи културата да им ја приближиме и на помладите, ги активираме и училиштата „Ј.Х. Песталоци“, СУГС „Орце Николов“ и СУГС „Никола Карев“.

За љубителите на театарот, МНТ, Драмски театар, Кино Култура, Мала Станица ве очекуваат со својата предизвикувачка понуда.

Најмладите може да го посетат Детскиот културен центар Карпош од 17 до 19 часот, Плоштадот во Т.Ц. Лептокарија, како и платото кај Млечен ресторан.

Во МКЦ од 19 часот, PMG Recordings Festival, изложбата „Архитектура, помеѓу архитектурата“, како и проектот на Филип Конески, „Бетонско Скопје“.

* возењето во градските автобуси на ЈСП, кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 18:00 часот до раните утрински часови, ќе биде бесплатно.

 

Бела Ноќ #14

06 октомври 2018

Град Скопје

top